Wednesday, April 25, 2018

Св. Архангел Михаил - Варошки Манастир

Варошкиот манастир се наоѓа во подножјето на Маркови кули во населбата Варош во непосредна близина на Прилеп. Манастирот се состои од црквата „Св. Архангел Михаил“ и двата манастирски конаци. Денот на манастирот е празникот Балаклија или Источен Петок. Манастирот е посветен на светиот Архистратиг Михаил (св. Архангел Михаил) - Началник и Војвода на сите небесни чинови. Во 1998 година, во манастирот е обновен монешкиот живот и денес, за него се грижи петчленото сестринство. Манастирот е масовно посетен од верниците, бидејќи во него се чуваат дел од моштите на св. Козма и Дамјан, како и моштите на св. Стилијан. „Св. Архангел Михаил“ се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија поради што е ставен под заштита на државата како Споменик на културата.


„Свети Архангел Михаил“ е главната и единствена манастриска црква во Варошкиот Манастир. Легендата за потеклото на манастирот започнува во X век, кога некој непознат ученик на св. Климент Охридски се населил во некоја од карпите каде што водел осаменички живот. Денес, неговото име не е познато, но во прилог на легендата зборува фактот што местото каде што се наоѓа манастирот се вика кај Светецот. Црквата е изградена на старо култно место за што сведочат античките мермерни столбови кои се употребени во нејзината изградба. На едниот од нив е исклесан стар натпис со кирилично писмо од 996 година кој е втор најстар кириличен натпис пронајден во Македонија.


Меѓу XI век и XIII век, црквата била повеќепати градена и разурнувана. Од тој период, постои трага само од северниот ѕид на црквата каде сеуште постојат делови од фрески од XII век. Исто така, од тоа време останале и фреските во подземјето на црквата кои образуваат тунел. Кон крајот на XIII век, големиот хартулариј Јован повторно ја изградил црквата и ја посветил на св. Архангел Михаил. Имајќи предвид дека од претходната црква останал само мал дел, може да се заклучи дека црквата во целост е ктиторско дело на владетелот Јован. За тоа сведочи и фреската на западната страна на црквата на која Јован е претставен како ктитор кој во рацете го држи моделот на црквата. Притоа, тој е насликан како великосхиник, а натписот кажува дека тој се замонашил во манастирот. Подоцна, прилепските владетели Волкашин и Крале Марко ја обновиле црквата за што сведочат двете фрески на влезот на кои се претставени двајцата владетели.

Могила на непобедените

Могилата на непобедените — меморијален комплекс во Спомен паркот на Револуцијата во Прилеп. Комплексот бил изграден во 1961 година во чест на загинатите борци од НОВ, според проект на архитектот Богдан Богдановиќ.

Меморијалниот комлекс е составен од два дела: Заедничка гробница-крипта и спомен урни. Во едниот дел се подигнати мермерни урни, слични на античките. Најголемата урна со симбол на вечен пламен ја претставува непокорноста на македонскиот народ. Во вториот дел се наоѓа криптата - заедничката гробница, каде во мермерните плочи се вклесани имињата на паднатите борци, кои го положиле животот за ослободување на Македонија. Во периодот 2007-2008 комплексот бил целосно ревитализиран.


Паркот на револуцијата кој се наоѓа на јужната периферија на Прилеп е хортикултурно уреден со високо растителна борова шума и нискорастителна зимзелена флора. Во спомен на своите паднати борци во НОВ од 1941-1945 година, во 1961 година во градот Прилеп го подига монументалниот споменит „Могилата на непобедените“ во рамките на овој парк. Споменикот е со полукружна форма со внатрешен дел кој по целата вертикална површина е поплочен со бели мермерни плочки. На него се испишани имињата на 462 паднати борци од Прилеп и прилепско, а во криптата се наоѓаат нивните посмртни останки. Во атриумот се издигаат осум мермерни урни кој симболизираат формирањето на партизанските одреди и нивно прераснување на поголеми воени формации.


Автор на проектот е белградскиот архитект Богдан Богдановиќ. Паркот на револуцијата за споменик на култура е прогласен во 1989 година. Во состав на споменичкиот комплекс Паркот на Револуцијата е и „Алејата на Народни херои“, откриена истата 1961 година. Во неа на мермерни постаменти поставени се бронзени спомен бисти од десетте загинати Народни херои од НОБ од Прилеп.

Локалитет Маркови Кули

Маркови Кули е локалитет кој се наоѓа во централниот дел на Македонија, во непосредна близина на градот Прилеп. На 10 април 2006 година, локалитетото е прогласен за Споменик на природата. Составен е од бројни денудациони форми коишто претставуваат извонредна скулптура на релјефот.


Оваа феноменална појава на богатство на облици, се должи, пред се, на геолошкиот состав на теренот u(кој е изграден од метаморфни карпи-гнајсеви кои се пробиени од помладите гранити-гранодиорити), климата, релјефот и растителната покривка. Според современите геохронолошки испитувања, гранитите интрудирале пред околу 300 милиони години во постарите гнајсеви, чија старост е проценета на околу 700 милиони години. Просторот на Маркови Кули, во целина, го сочинуваат поголем број импозантни грамади поврзани во две паралелни низи со правец на протегање север-северозапад, југ-југоисток, чија надморска висина постепено се зголемува од југ кон север. Двете низи грамади во северниот дел се сврзани со највисоките врвови: Златоврв (1422 м) и Липа (1392 м). Низ целиот овој масив се истакнуваат најразновидни форми во вид на врвови и остенци, столбови и запци, печурки, плочи, топки, пештерски и котлести длабнатини.


Природните структури на карпите, потекнуваат од времето на консолидација на магмата која ладејќи се, лачела свероидни и паралелопипедни блокови. Низ четиридецениските археолошки истражувања, откриени се остатоци коишто укажуваат на постоење на раноантичка населба - Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика. Обѕидието на овој терен потекнува од XIII до XIV век и се наоѓа во добра состојба. Ѕидовите се со широчина од околу еден метар, изградени од послаб варовен малтер и се потпираат на големите варовни карпи. Акрополата била поделена на помали простории со внатрешни преградни ѕидови.