Wednesday, April 25, 2018

Св. Архангел Михаил - Варошки Манастир

Варошкиот манастир се наоѓа во подножјето на Маркови кули во населбата Варош во непосредна близина на Прилеп. Манастирот се состои од црквата „Св. Архангел Михаил“ и двата манастирски конаци. Денот на манастирот е празникот Балаклија или Источен Петок. Манастирот е посветен на светиот Архистратиг Михаил (св. Архангел Михаил) - Началник и Војвода на сите небесни чинови. Во 1998 година, во манастирот е обновен монешкиот живот и денес, за него се грижи петчленото сестринство. Манастирот е масовно посетен од верниците, бидејќи во него се чуваат дел од моштите на св. Козма и Дамјан, како и моштите на св. Стилијан. „Св. Архангел Михаил“ се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија поради што е ставен под заштита на државата како Споменик на културата.


„Свети Архангел Михаил“ е главната и единствена манастриска црква во Варошкиот Манастир. Легендата за потеклото на манастирот започнува во X век, кога некој непознат ученик на св. Климент Охридски се населил во некоја од карпите каде што водел осаменички живот. Денес, неговото име не е познато, но во прилог на легендата зборува фактот што местото каде што се наоѓа манастирот се вика кај Светецот. Црквата е изградена на старо култно место за што сведочат античките мермерни столбови кои се употребени во нејзината изградба. На едниот од нив е исклесан стар натпис со кирилично писмо од 996 година кој е втор најстар кириличен натпис пронајден во Македонија.


Меѓу XI век и XIII век, црквата била повеќепати градена и разурнувана. Од тој период, постои трага само од северниот ѕид на црквата каде сеуште постојат делови од фрески од XII век. Исто така, од тоа време останале и фреските во подземјето на црквата кои образуваат тунел. Кон крајот на XIII век, големиот хартулариј Јован повторно ја изградил црквата и ја посветил на св. Архангел Михаил. Имајќи предвид дека од претходната црква останал само мал дел, може да се заклучи дека црквата во целост е ктиторско дело на владетелот Јован. За тоа сведочи и фреската на западната страна на црквата на која Јован е претставен како ктитор кој во рацете го држи моделот на црквата. Притоа, тој е насликан како великосхиник, а натписот кажува дека тој се замонашил во манастирот. Подоцна, прилепските владетели Волкашин и Крале Марко ја обновиле црквата за што сведочат двете фрески на влезот на кои се претставени двајцата владетели.

1 comment: